Денеска беа потпишани договори со кои на 51 општинa ќе им бидат распределени околу 2,5 милијарди денари за реализација на 143 инфраструктурни проекти во областа на водоснабдување, канализација, атмосферска заштита и регулација на речни корита. „Ова се инвестиции во достоинството на граѓаните и одговорноста кон природата. За првпат инвестираме на толку широк фронт, во сите делови на државата. Граѓаните мора да чувствуваат дека институциите работат за нив и дека промената е видлива, а иднината е вредна“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. Со овие средства ќе се изградат или реконструираат пречистителни станици, фекални и атмосферски канализациони мрежи, водоводи и резервоари, системи за следење и управување (SCADA и ГИС), системи за одведување отпадни води, како и урбана опрема за управување со отпад. Од Министерството за животна средина велат дека ова е досега најобемната поддршка што Министерството ја реализирало преку капитални дотации до општините, со цел да се подобрат условите за живот, да се спречат поплави, загадување и да се овозможи одржливо планирање во урбаните и руралните средини.

