Докторка затекната при примање поткуп во битолска болница: најостра осуда од Министерството за здравство

Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури. „Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство. Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем. Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност“, соопштуваат од МЗ. ОЈО Битола и СВР Битола постапуваат за кривичното дело примање поткуп од осомничената докторка. Се уште се преземаат дејствија, извести Обвинителството и најави повеќе информации во текот на утрешниот ден.

Scroll to Top