Сиљановска-Давкова го прими мароканскиот министер за надворешни работи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Насер Бурита, министер на Кралството Мароко за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници, кој престојува во официјална посета на земјава. Според неа, Мароко, како една од водечките земји во МЕНА регионот е природен политички и економски мост меѓу Европа и Северна Африка, со клучна улога во регионалната стабилност и просперитет, како и во гарантирањето меѓународен мир и безбедност. Министерот Бурита, во својата прва официјална посета на македонската држава, препознава почеток на нова ера во градењето меѓусебни односи. Сиљановска-Давкова ја истакна важноста од меѓусебната соработка во меѓународните организации, а особено во рамките на ОН, Меѓународната организација на франкофонијата, како и во Унијата за Медитеранот. За соговорниците, Билатералниот договор за културна соработка, којшто владите го потпишаа во декември минатата година, ќе го продлабочи меѓусебното разбирање и почит. Мароканскиот министер изрази подготвеност за стратешка соработка во сферата на енергијата. Тој, во името на мароканскиот крал, ѝ упати покана за посета на Кралството Мароко.

Scroll to Top