Брза железница, нови болници, подобри патишта, крајната цел е младите да останат во земјата, Муцунски за договорот со Обединетото Кралство

Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура, порачува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на социјалните мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот. „Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, истакнува Муцунски. Тој потенцира дека со овој договор се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура. „Не ветуваме – испорачуваме“, додава министерот, посочувајќи дека крајната цел е младите да останат во земјата, да се отворат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат подобар квалитет на живот. „Ова не е политика – ова е работа за иднината“, порача Муцунски. Во рамки на минатонеделната посета на Лондон, Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој документ, како што појаснуваат од кабинетот на Муцунски има за цел да ги зајакне стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст.

Scroll to Top