За време на тајно гласање во парламентот на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, на едно гласачко ливче бил откриен нацистички симбол, таканаречениот „Хакенкројц“, односно нацистичкиот крст. Инцидентот предизвика шок и негодување кај пратениците и го покрена прашањето за безбедноста и етиката на парламентарните процедури, пишува списанието „Феникс“. Претседателката на Ландтагот, Мухтерем Арас од Зелената партија, остро го осуди инцидентот. „Тоа е под секое ниво. Срамота е за овој парламент“, рече Арас, додавајќи дека тоа е кривично дело бидејќи ваквите симболи се забранети со уставот во Германија. Таа исто така спомена дека не било можно да се открие сторителот бидејќи гласањето било тајно. Десничарската партија АфД, која ги имаше своите кандидати на гласачкото ливче, веднаш се огласи и се дистанцира од настанот. „Остро отфрламе каква било поврзаност со овој чин“, рече Мигел Клаус, пратеник од АфД. Тој, исто така, ја критикуваше претседателката Арас, наведувајќи дека таа „сугестивно имплицирала“ поврзаност на неговата партија со инцидентот. Од друга страна, СПД реагираше уште поостро. Парламентарниот секретар Саша Биндер побара одговорност. „Кој и да го сторил ова не е достоен за ова место и треба веднаш да го врати мандатот. Тоа е апсолутно одвратно“, рече Биндер. Фото: принтскрин

