Американскиот претставник Стив Виткоф објави дека владата на претседателот Доналд Трамп одлучила да го повлече својот преговарачки тим за мир во Газа од Доха на консултации, откако слична одлука беше објавена од канцеларијата на израелскиот премиер. „Одлучивме да го донесеме нашиот тим дома од Доха на консултации, по последниот одговор од Хамас кој јасно не покажува волја за постигнување прекин на огнот во Газа“, напиша Виткоф на платформата X. „Сега разгледуваме алтернативни опции за враќање на заложниците дома“, додаде тој. Откако неговата канцеларија го објави повлекувањето на преговарачите, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас не треба да ја толкува подготвеноста на Израел да преговара за примирје како „слабост“. „Работиме на постигнување нов договор за ослободување на нашите заложници. Но, ако Хамас ја гледа нашата намера да го сториме тоа како слабост и можност да ни наметне услови за предавање што би ја загрозиле државата Израел, тоа е сериозно погрешно“, рече тој од Ерусалим. Хамас денес објави дека одговорил на предлогот што предвидува ограничен 60-дневен прекин на огнот во Газа. Одговорот на Хамас вклучува олеснување на влезот на хуманитарна помош во Газа, мапи на областите од кои треба да се повлече израелската армија и гаранции за траен прекин на непријателствата, изјави палестински извор за АФП. Израел потврди дека го добил одговорот на Хамас, а кратко потоа објави дека ги повикал своите преговарачи од Доха за да се консултираат за одговорот на Хамас. Фото: принтскрин

