Шефот на Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФАА) изјави дека смртоносната несреќа на Боинг 787 на „Ер Индија“ минатиот месец најверојатно не била предизвикана од механички проблем или ненамерно движење на единицата за контрола на горивото или прекинувачот. Брајан Бедфорд им рече на новинарите на маргините на авиосаемот во Висконсин дека ФАА може да потврди со висок степен на доверба дека немало механички проблем со единицата за контрола на горивото во авионот. Тој нагласи дека вработените во ФАА ги отстраниле единиците, ги тестирале и им дозволиле на инспекторите да влезат во авионите и да ги проверат, додавајќи дека проблемот не се должи на ненамерна манипулација со контролите за гориво. Истрагата за несреќата на „Ер Индија“, во која загинаа 241 лице во авионот и 19 на земја, е фокусирана на прекинувачите за контрола на горивото на „Боинг 787“. „Боинг“ и „Ер Индија“ сè уште не ги коментираа обвинувањата. Прекинувачите нормално го контролираат протокот на гориво до моторите на авионот, дозволувајќи им на пилотите да ги стартуваат или запрат на земја или рачно да интервенираат при дефекти на моторот во лет. „Ер Индија“ оваа недела соопшти дека авиокомпанијата ги завршила превентивните инспекции на механизмот за заклучување на прекинувачите за контрола на горивото на сите авиони 787 и 737, без да бидат идентификувани проблеми. Прелиминарниот извештај на Одделот за истрага на воздушни несреќи на Индија претходно овој месец покажа дека прекинувачите за гориво се исклучиле речиси истовремено кратко време по полетувањето, предизвикувајќи губење на моќноста на моторите. Ројтерс минатата недела објави дека видео од пилотската кабина од летот на „Ер Индија“ од Ахмедабад до Лондон сугерира дека пилотот го исклучил доводот на гориво до моторите. Фото: принтскрин

