Средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски, пред крајот на август е малку веројатна, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Песков им рече на новинарите дека средбата на високо ниво меѓу Русија и Украина треба да стави крај на спорните прашања и да ги заокружи сите постигнати договори, пренесува ТАСС. „Дали е можно да се помине низ толку сложен процес за 30 дена? Очигледно е дека е малку веројатно“, нагласи Песков, одговарајќи на прашање за можноста за средба меѓу Путин и Зеленски пред крајот на август. Тој рече дека ставот на Русија за завршување на конфликтот во Украина е „многу добро познат“. „Нашиот став е наведен во нацрт-меморандумот што беше доставен до украинската страна“, рече Песков. Тој додаде дека во моментов нацрт-верзии на меморандумот за решавање на конфликтот во Украина се дијаметрално спротивни и дека руската и украинската страна имаат многу работа. Зборувајќи за решението на проблемот во Појасот Газа, Песков изјави дека Русија отсекогаш поддржувала решение за палестинското прашање со две држави, пренесува Танјуг. Фото: принтскрин

