Денес, овде во Гевгелија, заедно сведочиме на исполнување на едно големо ветување. Го пуштаме во употреба капиталниот проект-улицата „Свети Климент Охридски“, обиколницата која претставува нов современ западен булевар и е директна артерија за сообраќајниот и економскиот живот на Гевгелија, изјави премиерот, Христијан Мицкоски. Тој кажа дека ова бил приоритетен проект од програмата за работа уште во 2021 година. „И денес, само неколку години подоцна, го гледаме реализиран. Со вредност од над 120 милиони денари или околу 2 милиони евра, оваа улица не е само нов асфалт, туку симбол на нашата решителност, дека ветувањата не се дават за да се заборават, туку за да се исполнат“, рече Мицкоски. Тој кажа дека паралелно со овој проект, во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од Булеварот „Гевгелија“, заедно со натпатникот на улицата „Железничка“ и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари. „Дополнително, во завршна фаза е и изградбата на кружната крстосница на влезот во Гевгелија, со нов мост над каналот „Рауљ“, како и дислокација на дел од каналот под крстосницата, проект вреден повеќе од 27 милиони денари. Тоа се крупни инфраструктурни зафати што значат подигнување на општината на едно повисоко ниво, што значи визија, план и конкретна работа“, изјави Мицкоски.

