Од моментот кога Тимчо Муцунски стана министер, сведоци сме за целосен дебакл на надворешната политика и на целосна партизација, непрофесионалност и урнисување на Министерството за надворешни работи како институција, кажа на прес-конференција Фатон Бејта од СДСМ. Според него, под раководство на Муцунски, резултатите на надворешен план се поразителни. „Македонија нема ниту еден успех, само порази и чекор по чекор тоне во дипломатска изолација. Наместо стратешка и државничка надворешна политика, имаме непочитување на основните принципи на професионалност, законитост и еднакви можности во кариерата. Министерството за надворешни работи Муцунски го претвори во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Муцунски поставува кадри без елементарно познавање на дипломатијата, кои не ги исполнуваат основните критериуми“. Пример, како што истакна Бејта е Веле Трепевски, кој според него, без соодветни квалификации Муцунски го поставил за директор за организациони работи, а сега е предложен и за амбасадор во соседна Албанија. „Единствена негова работа е заедно со државната секретарка Елена Кузмановска, да врши масовни партиски унапредувања на кадри блиски до ВМРО-ДПМНЕ – по налог на Муцунски а на штета на искусни и стручни дипломати. Без закон, без морал – само со партиска припадност. Ќе набориме неколку флагрантни примери: -Горан Трајков, сопруг на Викторија Трајков, е унапреден во министер-советник без да ги исполнува законските критериуми. -Никола Гугоски, синдикален претставник што работи под партиски директиви на ВМРО-ДПМНЕ, е унапреден и испратен во Истанбул. -Васко Дамчевски, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и учесник во настаните од 27 април 2017, е унапреден двапати и сега оди во Конзултатот во Солун како ополномоштен министер – токму таму каде што му студира детето. Партизацијата продолжува и преку злоупотреба на системот за испомош: Дипломат кој пред два месеца се вратил од мандат, веќе е испратен во Париз. Исти практики гледаме и во Берлин и други дипломатски мисии“. Бејта подвлекува дека над 20 лица се ангажирани со договор за дело, а дел од нив не се ни појавуваат на работа. „Без никакво објаснување амбасадорот Весел Мемеди е вратен во Италија, иако законскиот рок за усогласување на ставовите за неговиот статус одамна е поминат. Ова е уште еден доказ дека Муцунски ја води дипломатијата како приватна сопственост, а институциите ги третира како филијали на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, во самото Министерство владее хаос: Често нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостасуваат основни материјали за работа“. СДСМ, како што нагласи, ќе се спротивстави на ваквата партизација, газење на дипломатијата и угледот на земјата. Упати апел до претседателката Силјановска да регира согласно своите надлежности и да не дзоволи да стане соучесник во овој институционален распад. Македонија, потенцира тој, заслужува достоинствена дипломатија, професионална, независна и стратешки ориентирана.

