Алијанса за Албанците остро ја осудува одлуката на Владата за потпишување на меморандум за соработка со „Казандџи Холдинг“, чие подружничко претпријатие, „АКСА Енерџи“, е предмет на истраги за корупција во Гана, велат од оваа партија. Овој потег, како што нагчасуваат, претставува сериозно прекршување на Законот за енергетика и голем ризик за енергетската иднина и јавниот интерес на граѓаните на Република Северна Македонија. „Наместо да спроведе транспарентна и конкурентна тендерска постапка, како што јасно е предвидено во членот 94 од Законот за енергетика, Владата одлучува да склучува договори на таен и сомнителен начин, без никаква длабинска анализа за економските, еколошките и општествените последици. Оваа мрачна практика ги зголемува сомнежите дека партиските и личните интереси се ставаат над јавниот интерес, додека граѓаните ќе бидат тие што ќе ја платат цената за проект што е спротивен на стратешката насока на земјите од ЕУ. Додека земјите членки на Европската Унија се оддалечуваат од природниот гас, Владата гради нови дистрибутивни мрежи за енергенс што е поскап и поштетен за климата и за семејниот буџет“. Според Алијанса за Албанците има неколку прашањата на кои Владата треба да одговори. „Зошто се прекршува Законот за енергетика и се заобиколува законската постапка за избор на партнер? Дали е направена анализа за реалните потреби од гасификација и трошоците за граѓаните? Дали постои стратегија за развој на енергетскиот сектор за наредните 20 години, како што е законска обврска? Какви гаранции му се дадени на странскиот инвеститор за да биде „убеден“ да инвестира 1 милијарда евра?“. Според оваа партија, партнерството со компанија вмешана во меѓународни корупциски афери е аларм за организирана корупција на високо владино ниво и бара итна истрага од надлежните институции, вклучувајќи го Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата. Алијансата за Албанците бара итно поништување на меморандумот, враќање во законски рамки и отворање на јавна дебата за енергетската безбедност и долгорочната насока на енергетските политики во земјата. „Ниту еден договор склучен зад затворени врати на Владата не може да биде во корист на граѓаните. Транспарентноста е првиот услов за одржлив развој и борба против корупцијата“.

