Вреди: Исплатени 99,7 милиони денари на 1.865 земјоделци низ државата

Преку Програмата за финансиска поддршка за 2024 година, 1.865 земјоделци од цела Северна Македонија добиле директни плаќања во вредност од 99,7 милиони денари – информираат од политичката платформа Вреди. Според соопштението, исплатите се реализирани благодарение на, како што посочуваат, „непоколебливата посветеност“ на заменик-министерот за земјоделство Албрим Хоџа. Од Вреди ја оценуваат оваа поддршка како една од најзначајните и најдиректни инвестиции во земјоделството, која, како што наведуваат, ја отсликува нивната филозофија за правична застапеност, рамномерен развој и економско достоинство. „Ова е конкретен доказ за јакнење на локалните земјоделци, зголемување на локалното производство и враќање на довербата во институциите. Албанското земјоделство влегува во нова, помодерна и поподдржана фаза“, се наведува во соопштението. Од Вреди истакнуваат дека продолжуваат со градење инклузивни развојни политики и поставување нови стандарди во работењето на државата, со фокус на одговорност, институционален пристап и континуирана поддршка за земјоделците. „За земјоделство што вреди, за држава што претставува“, порачуваат од Вреди.

Scroll to Top