Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад. Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди. „Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.

Scroll to Top