Муртезани денеска во Брисел: Проширувањето мора да остане доследен процес заснован на вредности

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел учествуваше на Форумот на високо ниво за проширување, насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК). На тркалезната маса учествуваа претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ и државниот секретар за Европска Унија на Шпанија, Фернандо Сампедро. Муртезани нагласи дека процесот на проширување не е само геополитичка алатка, туку простор за заеднички амбиции и вредности. Тој подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на унапредувањето на социјалниот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и инклузијата на младите во креирањето политики, како предуслови за одржлива и демократска европска иднина. Министерот посочи дека Владата неодамна ја усвои Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и истакна конкретни примери на партнерства со организации од граѓанското општество, нагласувајќи ја нивната улога во зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на реформскиот процес. Тој подвлече дека за младите Европа не е далечна идеја, туку секојдневна реалност која бара правичност, иновации и солидарност. По завршувањето на тркалезната маса, беше одржана заедничка прес-конференција на министрите и претседателот на ЕЕСК, на која Муртезани ја повтори пораката дека проширувањето мора да остане доследен процес заснован на вредности и Копенхашките критериуми.

Scroll to Top