Најмалку 19 лица се повредени, меѓу кои и едно дете, кога за време на традиционалниот огномет на фестивалот Рајнкирмис во Дизелдорф, едно пиротехничко средство експлодирало во публиката, соопштија локалните власти. Четири лица се здобиле со тешки повреди, а најверојатно се работи за изгореници, пишува Билд. Несреќата се случила синоќа, кога ракетата од огнометот „скршнала од патеката“ и експлодирала низокo над земја. Еден од организаторите на фестивалот изјавил дека можно е да се превртела лансирната рампа, предизвикувајќи насочување на ракетите кон публиката. Во моментот на експлозијата, на местото на настанот веќе биле присутни припадници на противпожарната служба, итната помош и полицијата, кои веднаш реагирале. Саемот бил брзо затворен, а организаторите најавија дека ќе разгледаат дали огнометот ќе остане дел од фестивалската програма во иднина. Полицијата спроведува истрага за причините на несреќата.

