Фицо ги блокира новите санкции против Русија: „Тие се имбецилни“

Словачкиот премиер Роберт Фицо објави дека неговата влада побарала одложување на гласањето за 18. пакет санкции на Европската унија против Русија, тврдејќи дека досегашниот предлог на Европската комисија е несоодветен за интересите на Словачка. Фицо на „Фејбук“ објави писмо од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и посочи дека останатите политички лидери во земјата го отфрлиле. Во писмото се наведува дека Комисијата подготвила „амбициозен и сеопфатен план за соработка со Словачка“ и дека е подготвена да ги адресира специфичните предизвици на земјата. Фицо повтори дека се спротивставува на планот за забрана на увоз на руски гас од 2028 година, кој го нарече „имбецилен“, и порача дека е подготвен на преговори, но дека за Словачка најдобро решение е изземање сè до истекот на постоечкиот договор во 2034 година. Иако предлогот за гас не е директен дел од пакетот санкции, Фицо изјави дека ги поврзува двете теми за да ја зајакне преговарачката позиција на Словачка, имајќи предвид дека за санкциите е потребна едногласна поддршка од сите земји членки.

Scroll to Top